Главна секција Заев e oптимист дека ќе се најде решение за името достоинствено за...

Заев e oптимист дека ќе се најде решение за името достоинствено за двете страни

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е оптимист и верува оти ќе биде изнајдено решение за спорот за името кое ќе биде достоинствено и за Македонија и за Грција.

Тој потврди дека веќе е договорена средба со неговиот грчки колега Аликсис Ципрас на 24 јануари во Давос.

– Јас сум оптимист, верувам дека помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поблиски, ќе се изнајде решение каде ќе се сочува достинството на двете страни, а ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји – изјави Заев во Струга каде престојуваше по повод верскиот празник Богојавление – Водици.

Тој истакна дека не би требало јавно да се зборува за рамката што е испорачана од посредникот во преговорите, Метју Нимиц, за да не се уништат шансите во преговорите.

– Се води транспарентен процес, сакаме национален консензус, да го изградиме решението и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат, убеден сум дека ако бидеме внимателни, па и да водиме сметка и за грчката страна, ќе најдеме решение за ова прашање што не измачува 25 години – рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

Премиерот апелираше до граѓаните и до медиумите да имаат трпение околу ова прашање.

– Сè што ќе правиме ќе биде проверено на референдум. И ние, и ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ, и другите политички партии, имаме или исти или приближни ставови по тоа прашањe. Ќе водиме грижа за нашиот идентитет, за достоинството на нашиот народ, но мораме да водиме грижа и за сегашните и за идните генерации – рече Заев.

Околу одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да не го потпише Законот за јазиците, Заев рече дека се што е донесено во Законот е во согласност со aмандманот 5 од Уставот и дека доколку нешто не е во ред постои Уставниот суд.

– Вредно е да се заложиме за едно опшество за сите, Македонија е мајка на сите граѓани, треба да подадеме рака, да имаме доверба во институциите. Доколку нешто не е согласно Уставот, постои Уставен суд, ќе се произнесе со мислење и Венецијанската комисија – изјави Заев.