Македонија Заев: Не постои друго решение освен Договорот од Пржино

Заев: Не постои друго решение освен Договорот од Пржино

За СДСМ не постои друго решение освен целосно и доследно спроведување на Договорот од 2 јуни и од 15 јули, истакнал лидерот на партијата, Зоран Заев, на денешната средба со претставници на амбасадите на земјите од групата пријатели на Македонија во Европската унија (ЕУ), Шведска, Австрија, Словенија, Хрватска, Чешка и Словачка.

„Договорот мора да се почитува и целосно да се имплементира. Специјалното обвинителство мора да се комплетира. Министрите мора да ги имаат ингеренциите за да гарантираат остварување на целта за регуларни, слободни, фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ќе одлучуваат, а победникот ќе има полн легитимитет“, рекол Заев на средбата.

Дипломатите од амбасадите на шесте земји, предводени од амбасадорот на Република Чешка во земјава, Мирослав Рамеш, како што соопштуваат од СДСМ, изразиле „сериозна загриженост од прекршувањето на роковите предвидени во Договорот од 2 јуни и од 15 јули“.

Тие истакнале дека нивните земји очекуваат целосна имплементација на Договорот, која, како што посочиле, е од суштинско значење за европската иднина на Македонија.