Главна секција Заев: Договорот со Бугарија е директна одговорност на Собранието

Заев: Договорот со Бугарија е директна одговорност на Собранието

Премиерот Зоран Заев од Штип им порача на граѓаните дека договорот за добрососедство со Бугарија отвора сериозна перспектива, а тој, како упатен политичар, „нема да дозоволи влакно да ѝ недостига на Македонија“.

Заев одговори на прозивките за тајноста на расправата за овој договор и објасни дека договорот ќе се смета за склучен откако ќе биде ратификуван во Собранието.

– Нешто што не е потпишано, треба внатрешно, затворено да се разговара. Преминуваме на следна фаза на дискусија во Владата. По сите сугестии што ќе ги добиеме од експертската јавност, од Собранието и од Владата, се надевам дека ќе дојде до склучување на договорот. Тоа зависи од двете страни. Ние нашите позиции ги градиме и потписот на Заев е дел од процедурата што тече – изјави премиерот.

Тој потсети дека конечната одлука, сепак, ќе биде на Собранието на Република Македонија.

– Парламентот на крајот гласа и ако е нешто на штета на Македонија, нашиот парламент има директна одговорност кон граѓаните. Затоа да не се плашиме. Ако е нешто добро, парламентот ќе гласа. Јас, како упатен политичар, кој и понатаму бара поддршка од граѓаните, нема да дозволам влакно да ѝ недостига на Македонија во нејзините перспективи – рече Заев, според кој овој договор затвора значајно поглавје со Бугарија.

Во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, премиерот Заев се сретна со конфекциските работници, синдикатите и со сопствениците на конфекциите. Од Штип ја најави новата владина мерка за државна субвенција за годишен одмор за 35.000 работници со ниски примиња.

Државата ќе финансира ноќевање и појадок за најниско платените 35.000 граѓани.

– На овој начин ќе се стимулира и продолжување на туристичката сезона. Наместо како досега да плаќаме субвенции за странци, ќе плаќаме одмор на наши граѓани. Ова е мерка што би можела да почне да се применува од крајот на август или почетокот на септември – рече премиерот Заев.