Македонија Заев бара од Џафери термин еднаш неделно да одговара на пратенички...

Заев бара од Џафери термин еднаш неделно да одговара на пратенички прашања

Премиерот Зоран Заев му испратил писмо на претседателот на Собранието, Талат Џафери во кое бара спикерот, согласно процедурите на законодавниот дом, да одреди термин за одржување на неделни тематски пратенички прашања со траење од еден час.

Ваквото барање, како што наведува Заев во писмото е во контекст на целосното спроведување на планот „3-6-9“, и грижата надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и над нејзините безбедносни и разузнавачки служби, да биде редовна и рутинска.

„Би сакал да ја изразам недвосмислената подготвеност на Владата за одржување на неделни, тематски пратенички прашања во траење од еден час, во време и формат кој Вие ќе процените дека е најсоодветен и согласно Вашите внатрешни процедури. Дополнително, Владата активно се залага за вклучување на Собранието во реформата на разузнавачките и безбедносните служби, која моментално е во тек. Владата исто така се обврзува и прифаќа задолжително елаборирање пред собраниските тела на предлог-законите на експертско ниво“, наведува Заев во писмото до Џафери.