Визуелизации За победа во првиот круг на изборите неопходни се 904.066 гласа

За победа во првиот круг на изборите неопходни се 904.066 гласа

На претседателските избори, чиј прв круг треба да се одржи в недела, ќе може да гласаат 1.808.131 избирач.  Според член 81 од Уставот, победа во првиот круг за некој од тројцата кандидати – Блерим Река, Гордана Сиљановска – Давкова и Стево Пендаровски – може да им донесе мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови за кандидатот.

Доколку не се случи изборот да биде завршен во првиот круг, што е речиси неверојатно да се случи, како што покажуваат анкетите, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Според член 121, став 3 од Изборниот законик, во вториот круг победува кандидатот што добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка, вели член 122 од Изборниот законик.