Економија За мали и микро компании нова бескаматна кредитна линија од 31 милион...

За мали и микро компании нова бескаматна кредитна линија од 31 милион евра

Фото: Robert Anasch, Unsplash

Преку Развојната банка, микро и малите домашни компании погодени од ковид кризата ќе добијат финансиска поддршка од државата. Вкупниот износ на третата бескаматна кредитна линија е 31 милион евра, од кои 60 милиони денари односно 1 милион евра се буџетски средства од програмата П1 на Министерството за економија, а 30 милиони евра се од Европската унија.

Одлуката ја донесе Владата на синоќешната седница, на која, ја усвои Информацијата за бескаматна кредитна линија со грант компонента, наменета за микро и мали претпријатија (Ковид 3). Министерството за финансии за таа цел ќе потпише договор за администрирање на средствата со Развојна банка, соопштија од Владата.

„Министерството за економија треба да донесе предлог-одлука за префрлање на средствата од програма П1 во вкупен износ од 60 милиони денари на посебна сметка на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, како буџетски придонес во реализација на мерката, по што банката треба да ги преземе сите активности за операционализација и воспоставување на третата бескаматна кредитна линија за поддршка на микро и мали претпријатија“, се вели во владиното сопштение.

Финансиските средства за оваа бескаматна кредитна линија се повлечени од 50-те милиони евра, награда за успешност во целокупниот напредок во процесот на Европска интеграција на Северна Македонија. Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија дека средствата ќе се користат за заздравување на земјата од последиците од пандемијата со ковид-19.