Македонија За целосно да се исчисти депонијата во Шутка потребни се многу пари,...

За целосно да се исчисти депонијата во Шутка потребни се многу пари, вели Заев

Фото: Арбнора Мемети

Иако дивата депонија во Шуто Оризари почна да се чисти, работата заостанува, бидејќи паралелно со чистењето, се врши повторно полнење на депонијата. Продолжува и палењето на ѓубрето. Премиерот Зоран Заев вели дека за целосно чистење потребни се повеќе средства од тие што биле предвидени, пишува „Порталб.мк“.

Постапките за чистење на дивите депонии треба да се предводат од општините на чии територии спаѓаат депониите, но тие немаат средства. Премиерот изјави дека средствата во вредност од 200 милиони денари, кои биле предвидени за чистење на дивите депонии на државно ниво, веќе се потрошени. Затоа, тој појасни дека е потребно да се обезбедат дополнителни средства.

– Постапката се води од државните институции, бидејќи општината еден дел го покрива со сопствени средства, но нема пари. Тоа се високи износи – изјави Заев.

Тој додаде дека не знае до која фаза е стигната постапката на чистењето, а не сакаше ниту да одговори на прашањето кога оваа депонија ќе биде целосно исчистена. Тој знае дека проблемот со депониите во Скопје останува нерешен проблем во овој момент.

– Останува и депонијата во Скопје. Ова не е одговорност на институциите, туку на градоначалниците и општинските инспектори. Се разбира дека и ние граѓаните можеме да допринесеме за решавање на овој проблем, така што отпадоците да се фрлаат на локации кои се одредени како депонии и да се почитуваат регионалните депонии – рече Заев.

Од друга страна, „Порталб.мк“ во консултации со високи претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, дозна дека ова министерство може само да посредува во изнаоѓање на начини за чистење на дивите депонии, бидејќи тоа е надлежност на самите општини.

Дивата депонија во Шуто Оризари е надлежност на општината, иако се обидовме да добиеме изјава од градоначалникот Курто Дудуш, истиот не беше во можност да ни  даде одговор.

Проблемот со депонијата во Шутка почна да се решава, при што 70 отсто од отпадот беше исчистен. Меѓутоа, паралелно со чистењето, се врши и нелегално натрупување на дополнителен отпад од различни лица.

За решавање на овој проблем беше формирана координативна група предводена од Државниот инспекторат за животна средина, чија цел била да се координираат активностите помеѓу Инспекторатот на Град Скопје и Шуто Оризари за чистење на депонијата. Инспекторатите, претходно известиле дека нивните обврски завршиле, меѓутоа, бидејќи не се обезбедил документ од координативната група, ова не може да се потврди.