Дописници За четири дена, во штипската болница починаа пет пациенти од ковид-19

За четири дена, во штипската болница починаа пет пациенти од ковид-19

Изминатата недела, во перидот од 17 до 20 септември, на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип починаа двајца пациенти од Делчево во ист ден, на 17- ти септември, еден виничанец, кој починал следниот ден, а две пациентки од Штип починале на 20-ти септември. Ова е најцрниот биланс во една седмица од почетокот на епидемијата во штипската болница, каде моментално се лекуваат 40 пациенти со ковид-19.

Прашањето како се случи да се загубат дури пет животи во некoлку дена, од болницата го објаснуваат со фактот дека болничкото лекување почнува во доцна фаза од заболувањето.

– Засега единственото објаснување што го кажуваат инфектолозите е тоа што пациентите се хоспитализираат во тешка состојба. Не би можел да кажам зошто доцна доаѓаат – изјави Ален Ѓеорѓијев, директор на Клиничката болница од Штип.

Ѓеорѓијев не сакаше да коментира дали доцното доаѓање во болница е поради процедурите и матичните доктори.

За разлика од пред 20-тина дена кога во болницата се згрижуваа главно пациенти од Штип, сега доминираат заболени од Делчево, а последните денови и од Кочани.

Во Делчево и Берово секојдневно има пораст на бројот на заболени, додека последната недела значајно се зголеми бројот на болни со ковид-19 од Кочани. Од Општинскиот кризен штаб на Кочани го истакнуваат проблемот со масовното организирање на семејни прослави, каде не се почитуваат здравствените мерки.

– Бројот на заразени од корона вирусот во Кочанско деновиве е во постојан пораст. Во моментот има 102 активни случаја, од кои 91 случај е на домашно лекување, а 11 на болничко. Од почетокот на пандемијата досега се оздравени 145 пациенти, а петмина се починати – соопшти Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје од Кочани.

Вчера беше соопштено дека почина 66-годишен кочанчанец од ковид-19, што е петтата жртва на корона вирусот од овој град.