Свет Балкан Вучиќ побара од српските функционери да бидат внимателни кон изјавите за Македонија

Вучиќ побара од српските функционери да бидат внимателни кон изјавите за Македонија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска од Атина се осврна на изјавата на министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ и ги повика српските функционери да бидат повнимателни за да не кажат нешто што, како што рече, би можело да биде искористено од страна на некои

Фото: Архива на Мета.мк

По бројните реакции за распламтувачката изјава кон Македонија и Црна Гора на српскиот министер за одбрана и претседател на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се обиде со подипломатски тон да одговори на ваквите реакции дадени од еден од неговите најблиски функционери.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска од Атина се осврна на изјавата на министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ и ги повика српските функционери да бидат повнимателни за да не кажат нешто што, како што рече, би можело да биде искористено од страна на некои.

„И тука сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои, за и нас да не нè направат исти како Курти“, изјави Александар Вучиќ.

Тој додаде дека синоќа разговарал со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а меѓу другото, тема на разговор била и изјава на српскиот министер за одбрана.

„Затоа и синоќа долго разговарав со Ковачевски и му реков – ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено и поради што било што некој го кажал, иако јас сметам дека за тоа не постојат причини, нема проблем – јас се извинувам, Македонците се наши браќа и немаме никакво проблем со нив. Но, тој (Ковачевски н.з.), навистина, многу остро говореше против Курти пред сите, што изненади многумина“, изјави српскиот претседател.

Инаку, настанот за кој зборува Вучиќ и за кој, според него, реагирал македонскиот премиер, се однесува на неофицијалната посета на косовскиот премиер на Скопје и на Тетово пред десетина дена.

Од друга страна, викендов српскиот министер за одбрана рече дека С.Македонија и Црна Гора се огрешиле кон Србија со признавањето на независноста на Косово, нагласувајќи дека тој чин претставувал отворено мешање во внатрешните работи на една земја.

„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно? Тие мислат дека се во НАТО Алијансата и дека си ги решиле проблемите… Ова е мантра и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно на НАТО Алијансата, мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека веќе ништо не може да им се случи. Мора да погледнете она што е во историјата, да ги разберете малку другите околности и да разберете што се случува во нивниот двор. Ние не сакаме да ја водиме нивната политика, тоа е прашање за нив. Но, можеме да констатираме дека 25 проценти од Албанците имаат 50 проценти од власта во Северна Македонија. Ако е „ок“ за Македонците, „ок“ е и за нас, само очигледно ќе имате политика која нема да ја гледаат Македонија како своја земја“, рече Вучевиќ во изјавата со која се меша во внатрешнополитичките и надворешнополитичките прашања на С.Македонија.

Српскиот министер за одбрана со опасна пропаганда кон С.Македонија и Црна Гора