Македонија Вучиќ: Добро е да бидете на европскиот пат, туркајте ја земјата напред

Вучиќ: Добро е да бидете на европскиот пат, туркајте ја земјата напред

Фото: predsednik.rs, Кабинет на претседателот на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во интервју за телевизија Сител, коментирајќи ги евроинтеграциските прашања на Македонија, рече дека е добро да се биде на еврoпскиот пат, да се турка земјата напред.

„Многу ни помогна отворањето на преговорите со ЕУ. Сега, дали е сè прекрасно и убаво во предлогот? Па, се разбира дека не. Дали е сè слатко? Се разбира не. Но, се поставува и друго прашање, која е алтернативата“, рече Вучиќ.

Toj рече дека може да посведочи за искрените заложби на претседателот на Владата Димитар Ковачевски, и посочи дека е добро да се биде на европскиот пат, да се отвораат можности за привлекување на инвестиции.

„Што ви е алтернативата? Дали ќе ве оптоваруваат на секое следно… секако, ќе прашуваат Бугарите за нешто, ќе прашуваат други за нешто друго. Секогаш нешто ќе се најде. Но, туркајте ја својата земја напред. На крајот, дали некој ќе ви отвори кластер повеќе или кластер помалку не е суштинско прашање, не е најважно. Но, добро е да бидете на европскиот пат, добро е да се отвораат можности за привлекување на инвестиции. Тоа е важно, тоа е добро“, рече Вучиќ.

Тој додаде оти не може да каже дали (францускиот) предлог е добар или не.

„Можам да кажам само едно. Кога го прифативме Бриселскиот договор во 2013 година, тоа не беше особено добар договор за нас. Тежок договор со многу ставки кои луѓето во Србија не сакаа да ги слушнат или прифатат. Особено луѓето во Косово и Метохија. И денес, како што гледате, Бриселскиот договор е она на што најмногу се повикуваме“, додаде српскиот претседател.