Свет Балкан Вучиќ: Голем ден за Србија, ѝ благодарам на Меркел

Вучиќ: Голем ден за Србија, ѝ благодарам на Меркел

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, во Брисел изјави дека денеска е голем ден за Србија, која со отварањето на поглавјата од дијалогот за пристап кон Европска унија, испишува нова историска страница.

– Сакам како премиер кој е горд на својата земја да им честитам на сите граѓани на овој успех. Ова за нас е голем ден, испишуваме историска страница и веќе не мораме да сонуваме за ЕУ. Пред нас имаме тешка работа, но извесно е дека доколку се однесуваме посветено, ќе станеме дел од европското семејство – рече Вучиќ.

Премиерот на Србија додаде дека ова е добра вест за цел регион и ја искористи можноста да ѝ се заблагодари на Ангела Меркел.

– Морам да ѝ се заблагодарам на германската канцеларка Ангела Меркел затоа што таа си го одржа зборот и истата секунда кога Србија ги исполни обврските, таа го исполни ветувањето. Уште утре ќе славиме, а потоа ќе работиме напорно – истакна Вучиќ.