Свет Балкан Вучиќ: Формирањето војска на Косово е спротивно на уставот и на резолуцијата...

Вучиќ: Формирањето војска на Косово е спротивно на уставот и на резолуцијата од ОН

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека формирањето војска на Косово претставува кршење на резолуцијата 1244 на Советот на безбедност на Обединетите нации и на косовскиот устав, како и дека околу тоа очекува поддршка и помош од ЕУ, САД, Русија и од „сите други“.

На прес-конференција на бизнис-форумот во Копаоник, Вучиќ рече дека вчера телефонски разговарал со претседателот на Косово и дека не се согласиле за формирање на косовски вооружени сили.

Вучиќ ги повика Србите од Косово да „не бидат во страв“ и да останат во своите домови и додаде дека по Бриселскиот договор постојат гаранции дека косовските безбедносни сили не смеат да поминат на северот на Косово без согласност од тамошните жители и од НАТО.

Тој рече дека за ова ја известил и шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, и дека ни тој разговор „не бил лесен“.

Вучиќ повторно ја обвини меѓународната заедница за двојни стандарди.

– Многу работи во нашиот регион не ги разбирам, ни што се вистинските причини за состојбата во Македонија, не разбирам сè што ни доаѓа од БИХ и од Приштина, но морате да гледате да го сочувате мирот, стабилноста и безбедноста на Србија, тоа е наша рабата – рече Вучиќ.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, вчера во собранието го предаде новиот предлог-закон за безбедносните сили на Косово, во кој мисијата на тие сили се проширува и на одбрана на суверенитетот и на територијалниот интегритет на Косово, но нивното име останува исто.