Македонија Врховниот суд ја прифати жалбата на СЈО, притворот на Талески повторно пред...

Врховниот суд ја прифати жалбата на СЈО, притворот на Талески повторно пред Апелација

Апелацискиот суд Скопје повторно ќе одлучува за куќниот притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески. Врховниот суд ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и го укина решението на Апелацискиот суд, па го врати предметот на повторно одлучување.

„Во Врховниот суд на Република Македонија е заведен предмет Вкж 1 бр.21/2016 по повод жалба против решението на Апелацискиот суд Скопје Ксж бр.431/16 од 19 септември 2016 година, со кое е одбиен предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за продолжување на мерката куќен притвор за лицето Владимир Талески. Поднесената жалба е уважена, а решението на Апелацискиот суд Скопје е укинато и предметот е вратен на повторно постапување“, стои во соопштението од Врховниот суд.

Битолскиот градоначалник е првоосомничен во случајот „Транспортер“, што го отвори Специјалното јавно обвинителство. Тој и уште 22 лица се товарат за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.

На битолскиот градоначалник му беше одреден куќен притвор на 16 јуни, а потоа по барање на СЈО му беше продолжен на 21 јули и на 19 август. На 19 септември Апелацискиот суд го одби барањето на СЈО на Талески третпат да му биде продолжен куќниот притвор за нови 30 дена и наместо оваа мерка, му наложи на битолскиот градоначалник двапати неделно да се јавува во суд.

Специјалното јавно обвинителство веднаш ја обжали одлуката на Апелација до Врховниот суд.

Во меѓувреме, Талески беше пуштен од куќен притвор и се врати на работа.