Македонија Вонредна состојба поради поплавите во источна Македонија

Вонредна состојба поради поплавите во источна Македонија

Браната Калиманци почна да прелива и по неконтролираното истекување на водата, во опасност се населените места по текот на реката Брегалница. Од браната има дотек на вода од околу 280 кубни метри во секунда и според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, сета таа вода ќе се слее по реката Брегалница.

Кризниот штаб, поради опасноста од надојдените реки и преливањето на браните, прогласи вонредна состојба на истокот од земјава и повика на евакуација на населението во загрозените подрачја.

Премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дененска ги посетија најзагрозените подрачја во околината на Штип. Како што е најавено, Груевски и неговиот тим ќе останат во регионот и во текот на ноќта.

– Очекуваме околу 20 часот водата да го зафати штипскиот регион и нивото на водата да порасне за метар до метар и половина. Во оваа пригода ги повикувам сите населени места по текот на Брегалница, вклучувајќи дел од Виница, Штип, Чешиново-Облешево, Кочани и останатите општини, да апелираат до граѓаните на итна евакуација од приземјето, на стари луѓе, да ги дислоцираат вредните предемети и стоката, за да спречиме евентуални жртви. Повикувам на итна евакуација на сите општини и населени места кои се по текот на реката Брегалница, бидејќи очекуваме силен бран кој ќе дојде од браната Калиманци – изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој го повика населението во помош на подигнување на насипите.

Брегалница на одредени места во штипскиот регион прелеа и поплавени се викенд-куќи, помошни објекти и посеви. Околу 20 пациенти од болницата за физикална терапија, која се наоѓа веднаш до коритото на реката, превентивно се евакуирани во Клиничката болница во Штип. Во дворот на болницата, како и на неколку други места, војската постави насипи од вреќи со песок. Критично е и во Ново Село, а во месноста Четврти километар, реката Брегалница во коритото е раширена на околу половина километар.

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, изјави дека се мобилизирани сите јавни служби на кои им помагаат армијата и полицијата.

– Добро сме организирани во исчекување на овој голем ударен бран. Најважно е да нема човечки жртви и да ги ублажиме штетите. Настанатие штети ќе ги надоместиме – изјави Захариев.

Што се однесува до другите делови од Македонија, министерот Миле Јанакиески рече дека најкритично е во Новаци, каде ќе интервенира Министерството за одбрана, а зафатен е и кумановскиот регион од реката Пчиња. Меѓутоа, најголемиот удар се очекува вечерва во Штипско.

 

 

 

В.К.