Свет Водач на ПКК тврди дека Турција ја штити ИД, напаѓајќи курдски позиции

Водач на ПКК тврди дека Турција ја штити ИД, напаѓајќи курдски позиции

Водачот на Курдската работничка партија (ПКК), Чамил Бајик, во интервју за „Би-Би-Си“ ја обвинил Турција дека таа ја штити Исламска држава (ИД) со тоа што ги напаѓа курдските борци.

„Турција тврди дека се бори против Исламска држава, но, всушност, тие се борат против ПКК“, изјавил Чамил Бајик за „Би-Би-Си“, додавајќи дека Анкара тоа го прави „ за да ја лимитира и оневозможи борбата на ПКК против ИД“.

„Турција ја штити ИД“, вели Бајик.

Според него, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган посакува Исламска држава да ја спречи ПКК во нејзиното напредување на терен.

Курдските борци, меѓу кои и членови на ПКК, изминатиов период извојуваа значајни победи над милитантите на ИД, на боиштата во Сирија и во Ирак, но Турција и некои од западните земји ја сметаат ПКК за терористичка организација.

Турција во јули почна со бомбардирање кампови на ПКК во Северен Ирак, истовремено со воздушните напади врз позиции на ИД.

Набљудувачи на ситуацијата, како што пренесува „Би-Би-Си“, коментираат дека борците на ПКК се цел на многу пожестоки напади отколу милитантите на ИД.

Од друга страна, турските власти ги отфрлаат ваквите обвинувања и тврдат дека кампањата против ИД не е параван за борба против ПКК, за да се спречат нејзините придобивки на терен, наведувајќи дека Анкара планира „сеопфатна акција против ИД“.