Голема количина сулфурна киселина складирана во депо, сѐ уште стои во објектот на некогашната Топилница во Велес. Екологистите од овој град предупредуваат дека не само огромниот црн рид со згура е опасност за здравјето на велешани. Загадувањето демне и од напуштената зграда, која како сениште стои и потсетува на еколошката агонија која ја поминаа жителите на Велес. Таа е во приватна сопственост на компанијата „Метрудхем“, која ја купи пред десетина години и планираше рестартирање на погоните. Откако општинските власти го сменија Генералниот урбанистички план и на местото на локацијата предвидоа зеленило, компанијата се повлече, но старите објекти и хемикалиите во нив останаа.
Генералниот урбанистички план на Велес предвидува локацијата на Топилницата, наместо тешка и загадувачка индустрија, да се претвори во заштитно зеленило. Билјана Шуркова- Манаскова, Општински еколошки инспектор, вели дека депонијата на олово-цинкова јаловина, од која ќе се изнесува техногената минерална суровина се наоѓа на државно земјиште и институциите се должни да го решаваат проблемот на таргетираната жешка точка. Но, локацијата на фабриката е приватна сопственост на „Метрудхем“, за која општинските власти имаа овластувања само да ја сменат намената.
„Општината Велес, кога се менуваше ГУП, имаше намера локацијата на зградите на Топилницата да ги пренамени во рекреативно зеленило. Но, Министерството за здравство не ни дозволи ниту да размислуваме за таква идеја, бидејќи ќе значеше дека на локацијата, која е многу загадена, да се движат, рекреираат и спортуваат луѓе. Тогаш, да се избегне потенцијалната опасност, пренамената е направена во заштитно зеленило, што значи треба да се претвори во шума“, вели Шуркова-Манаскова.