Свет Балкан Во Турција се тврди дека 100.000 мигранти тргнале кон Европа

Во Турција се тврди дека 100.000 мигранти тргнале кон Европа

Откако Турција по загинувањето на 36 турски војници во сириската провинција Идлиб, во напад на силите под контрола на сирискиот претседател Башар ал Асад, порача дека повеќе нема да ги задржува мигрантите на патот кон Европа, Грција и Турција излегоа со спротивставени бројки за тоа колку мигранти тргнале да ја преминуваат турската граница.

Грција викендов соопшти дека само 73 мигранти успеале да влезат во Грција, но турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу вчера за турскиот весник „Дејли Сабах“ рече дека од петокот над 100.000 мигранти ја преминале турската граница од северозападната провинција Одрин и влегле во Грција и Бугарија.

Денеска тврдењето на министерот ги потврди друг функционер, кој на „Дејли Сабах“ му дал видеосними од десетици мигранти кои со чамци ја минуваат реката Марица, но засега нема потврда кога се направени снимките.