Дописници Во Тетово се создаде дива депонија со органски отпад која никој не...

Во Тетово се создаде дива депонија со органски отпад која никој не ја чисти

Месо, коски, рогови и други остатоци од разни животни скапуваат кај стариот градски стадион во Тетово на локацијата каде за време на празникот Курбан Бајрам, се продаваа и колеа животни. Од ова место кое е на само неколку метри од приватни домови, а на стотина метри од центарот на градот се шири непријатна миризба.

– Ова е неподносливо, смрди па и многу инсекти се собираат околу скапаното месо, стравуваме за нашето здравје – изјави жителка на Тетово, чиј дом се наоѓа на само неколку метри од местото каде се продаваше стоката.

Од Центарот за јавно здравје Тетово советуваат местото ургентно да се исчисти

„Локацијата сега преставува дива депонија со органски отпад и е голема закана и за околината и за човековото здравје. Локацијата е плодно тло за создавање на опасни бактерии. Тука се движат и кучиња скитници кои можат да ги разнесат остатоците од разни животни низ цел град“ велат од Центарот за јавно здравје.

И покрај неколкуте телефонски повици и СМС пораки, општинските власти не одговорија дали нивни екипи ќе преземат соодветни мерки за чистење на локацијата, која деновиве се користеше како импровизиран сточен пазар.