Свет Во свлечиште во Колумбија загинаа 50 лица

Во свлечиште во Колумбија загинаа 50 лица

Повеќе од 50 луѓе настрадаа во лизгање на земјиште во северозападната колумбиска провинција Антиокија, додека неколку десетини се повредени.

Претседателот Хуан Мануел Сантос рече дека властите не знаат уште колку луѓе се водат како исчезнати, поради што прогласија вонредна состојба и ветија помош во обнова на куќите.

Поради обилните дождови, реката Либоријана се изли од коритото, што доведе до лизгање на земјиштето во и околу градот Салгар.

Најголем дел од селото Санта Маргарита, југозападно од градот Медељин, главниот град на Антиокија, исчезна во свлечиштето.

Околу 100 луѓе се евакуирани од погодените подрачја, а спасувачките тимови и локалното население трагаат по исчезнатите и по преживеани.