Македонија Во понеделник панел-дискусија: Различностите и дезинформациите во Западен Балкан

Во понеделник панел-дискусија: Различностите и дезинформациите во Западен Балкан

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во понеделник (31 октомври), со почеток од 14 часот, ќе организира онлајн панел-дискусија на тема „Различностите и дезинформациите во Западен Балкан“, на платформата за видео комуникација Zoom.

Панел-дискусијата ќе биде од регионален карактер, со учество на претставници на организации од Западен Балкан кои се борат против дезинформации и кои ќе ги споделат своите искуства поврзани со разоткривање на антидемократските дезинформациски наративи кои ги злоупотребуваат прашањата поврзани со различностите во нивните општества.

Говорници на настанот ќе бидат: Владимир Петрески – уредник на Вистиномер, Никола Петровиќ – извршен директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ISAC, тинк-тенк од Србија, Петрит Зогај – Национален уредник на Sbunker.net, медиумска издавачка организација од Косово и Барбара Хала – новинар и истражувач во Faktoje.al, сервис за проверка на факти од Албанија, како и Исмар Милак – Проектен координатор во Зашто не (Why not) од Босна и Херцеговина, основач на сервисите за проверка на факти Istinomjer.ba и Raskrinkavanje.ba (fcs). Модератор на панел дискусијата е Деспина Ковачевска – медиа мониторинг експерт во Фондација „Метаморфозис“.

Панелистите се членови на мрежата кои го спроведуваат тековниот регионален проект „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“. Дискусијата е отворена за јавноста и претставници од медиумите. Заинтересираните може да ја проследат истата на следниот линк – https://techsoupglobal.zoom.us/j/92894393896….

Работен јазик ќе биде англиски, со обезбеден превод на македонски и албански. Дискусијата ќе се пренесува во живо на фејсбук-страницата на Фондација „Метаморфозис“.

Настанот се одржува во рамки на Деновите на медиумска писменост, во синергија со активностите на регионалниот проект „Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“ финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија и проектот „Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации“ финансиран од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy).