Дописници Во Пелагонија сè уште е рано за санирање на штетите

Во Пелагонија сè уште е рано за санирање на штетите

Регионалниот пат Битола – Новаци е прооден за сообраќај по санирањето на откорнатиот пат. Од синоќа е поставен тампон и бетон, а водата на Црна истекува преку голема цевка под преминот. Сепак, водата во поплавената Пелагонија никако да се повлече од нивите и од дворовите. Засега се одложува санацијата на оштетените патишта и мостови, како и дезинсекцијата и дезинфекцијата. Повеќе од 2.000 хектари ниви од индивидуалниот сектор и повеќе од 9.000 хектари на ЗК „Пелагонија“ во општина Новаци се целосно под вода. Но, за среќа, помали се штетите во селата кај куќите и шталите.

– Иако водата навлезе во селото, сепак Новаци е спасено од целосно поплавување со насипи. И понатаму сме на готовс да не се повторат поплавите – вели Цветан Јанкуловски, жител на селото Новаци.

Нивото на Црна денеска е пониско од четири метри, но сепак водата и натаму е закана за регионот со оглед на новите врнежи и топењето на снегот. Градоначалникот на Општина Новаци, Лазе Котевски, вели дека насипите околу селата ги спасија домовите на мариовци од поплавите.

– Насипот во должина од три километри што го направивме околу селото Новаци, спаси повеќе од сто куќи од поплавување. Исти такви насипи ги спасија и селата Рибарци и Гнеотино. Ако не беа насипите, за пет часа, како што надоаѓаше водата, селата ќе пливаа во вода – вели Котевски.

Според него, од поплавите во општина Новаци најмногу е оштетен патот Брод – Гнеотино, каде што е и новиот рудник на РЕК Битола, како и патот Новаци – Рибарци. Исто такам во Новаци ќе се почека и за дезинфекција и за дезинсекција сè додека не се повлече водата.

А.Б.