Ctrl - Z Во новата академска година студентите ќе добиваат по 2.400 денари месечно за...

Во новата академска година студентите ќе добиваат по 2.400 денари месечно за оброци

фото: Louis Hansel на Unsplash

По скратена постапка во рамки на 39 седница на Собранието, пратениците вчера ги донесоа измените и дополнувањето на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Во новата академска година, секој студент кој е државјанин на Република Северна Македонија и е запишан како редовен студент на додипломски студии на државните или приватните универзитети, месечно на сметка ќе добива по 2.400 денари наменети за оброк.

Правото за субвенциониран студентски оброк студентите ќе можат да го остварат во периодот од 15 септември до 30 јуни во годината во која се стекнале со ова право, а нема да можат да го користат за време на државни, верски празници и неработни денови.

Наместо законот да се реализира во неговата оригинална форма, односно секој студент да добива 120 денари дневно за оброк, во претстојната академска 2021/22 година вкупната месечна сума ќе се исплаќа на почетокот на секој месец, без ограничување во начинот на трошење.

Министерството за образование и наука исплатата на средствата за користење на правото на субвенциониран студентски оброк ќе ја врши на трансакциска сметка на студентите,  во износ еднаков на бројот на субвенционирани оброци на кои студентот има право месечно.

Овие измени ќе важат само една академска година, по што законот ќе продолжи да се применува во неговата изворна форма, односно веќе од наредната година, студентите ќе добиваат по 120 денари дневно за здрав оброк.

Предлог законот за субвенциониран студентски оброк беше поднесен од страна на ЛДП. Истиот беше донесен во февруари 2020 година, но уште тогаш беше предвидено да почне да се применува од 15 септември годинава.