Македонија Во ковид центрите во земјава се лекуваат вкупно 1.376 пациенти, има околу...

Во ковид центрите во земјава се лекуваат вкупно 1.376 пациенти, има околу 160 слободни кревети

Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби | Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.376 и има околу 160 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство. Од нив, 890 се лекуваат во ковид центрите низ земјава, а на скопските оддели и клиники има 486 сомнителни и потврдени пациенти на ковид-19.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 32 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. На интерните клиники имало вкупно 20 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализирани на Клиниката за нефрологија, двајца во ковид центарот на Неврологија, пет болни се хоспитализирани на ОРЛ, осум Клиниката за гастроентерохепатологија и двајца на Очната клиника. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало пет нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се примени осум пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 12 оздравени пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 73 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19, во Штип се хоспитализирани 59 пациенти, на инфективното одделение во Тетово има 45 пациенти, во Велес се лекуваат 69 болни, а во Куманово 117 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 115 пациенти, во Прилеп 119, во ковид центарот во Гостивар 64, а во Струга 37 болни. Во Струмица се хоспитализирани 80 пациенти, во Кочани 18, во Кичево 20, Кавадарци 51, во Гевгелија 16 лица, а во Дебар 7 позитивни и суспектни на корона вирусот.  

„Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, информира ова министерство.