Дописници Во хотелот „Бисер“ лажно сместила 52 лица на седумдневен летен аранжман

Во хотелот „Бисер“ лажно сместила 52 лица на седумдневен летен аранжман

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против М.В. (44) од Прилеп, која ја товари за измама, употреба на исправа со невистинита содржина и за посебен случај на фалсификување исправа.

Пријавената, за да стекне противправна имотна корист, на осми јули оваа година, во хотелот „Бисер“ во Струга, на одговорниот менаџер му се претставила како претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Република Македонија. Лажно претставувајќи се, М.В. со хотелот потпишала договор за користење услуги, по што во периодот од 14 до 19 август годинава, во хотелот „Бисер“ престојувале 52 лица кои искористиле услуги во висина од 338.068 денари.

Пријавената М.В. на менаџерот на хотелот му приложила исправа со невистинита содржина, односно тековна состојба на Конфедерацијата од февруари оваа година. Иако никогаш не била претседател, во име на Конфедерацијата, пријавената склучила договор на кој ставила печат од Здружението за развој и унапредување на земјоделството.

Откако менаџерот на хотелот ја увидел измамата, на 52-те лица што се сместиле во хотелот им го откажал престојот, за што, според нивни кажувања, претходно ѝ исплатиле пари на сега пријавената М.В.