Свет Балкан Во Бугарија од денеска минималната плата повисока за 153 лева, се искачи...

Во Бугарија од денеска минималната плата повисока за 153 лева, се искачи на 477 евра

Се зголемува и минималната пензија на приматели со целосен работен стаж и достигната возраст и таа ќе изнесува 580,57 лева (малку под 297 евра, според курсот на Централната банка на Бугарија)

Во центарот на Софија голем дел од улиците резервиран за трамваи и пешаци. Фото: Мета.мк

Од 1 јануари 2024 година, минималната плата во Бугарија изнесува 933 лева (477 евра, според курсот на Централната банка на Бугарија). До вчера минималната плата изнесуваше 780 лева, извести бугарскиот онлајн медиум mediapool.bg.

Зголемувањето од 19,6 отсто беше донесено од бугарската влада во октомври минатата година, според формулата предвидена во Законот за труд. Таа предвидува дека минималната плата за следната календарска година изнесува 50 отсто од средната бруто плата во последните две тромесечја на претходната година (во случајов, 2022) и првите две тромесечја на тековната година кога се донесува одлуката (во случајов, 2023).

Пред неколку дена, министерката за социјални работи Иванка Шалапова нагласи дека со новиот износ на минималната плата ќе се зголемат приходите на над половина миилион вработени.

Се зголемува и минималната пензија на приматели со целосен работен стаж и достигната возраст и таа ќе изнесува 580,57 лева (малку под 297 евра, според курсот на Централната банка на Бугарија).

Покрај, ова, од денеска се зголемува и границата на сиромаштија во Бугарија, од 504 на 526 лева, односно околу 800.000 Бугари од ранливи групи ќе добиваат повисок надомест.