Свет Европа Во Брисел трета рунда преговори за Брексит

Во Брисел трета рунда преговори за Брексит

Во Брисел денеска британскиот министер за Брексит и преговарачот на ЕУ одржуваат трета рунда на преговори за излегување на Велика Британија од Унијата.

Велика Британија би требало да ја напушти ЕУ до крајот на март 2019 година, две години откако британската премиерка Тереза Меј на 29 март оваа година официјално ја започна процедурата за излегување од Унијата.

Првата етапа на преговори се однесува на постигнување договор за три прашања – судбината на европските државјани во Велика Британија и на Британците во ЕУ, за границата со Ирска и за финансиските обврски на Лондон спрема ЕУ.

Другата фаза преговори ќе се однесува на идните трговски врски на Велика Британија и ЕУ, а конечниот договор за тоа се предвидува да биде помеѓу декември 2017 и пролета 2018 година.

Договорот потоа би требал да се финализира до октомври 2018 година, а потоа останува период од шест месеци, до март 2019 година кога би требало да заврши ратификацијата на договорот и да следува официјалното излегување на Британија од ЕУ.

Првата рунда преговори беше одржана на 19 јуни, втората на 17 јули, а третата која започнува денеска треба да трае до четврток.