Економија ВМРО-ДПМНЕ тврди МЕПСО ќе се продава, СДСМ обвинува дека шират лажни вести

ВМРО-ДПМНЕ тврди МЕПСО ќе се продава, СДСМ обвинува дека шират лажни вести

Од СДСМ денеска реагираа на ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија тврди дека лажните вести на ДПМНЕ се неколку пати демантирани

Фото: Nikola Mirkovic на Unsplash

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ прашува дали владејачката коалиција од СДС и ДУИ сакаат да ја продадат државната компанија МЕПСО на грчко – кинеска фирма, на што од СДСМ денеска одговорија дека ДПМНЕ шири лажни вести.

„Во Грција излегле информации во медиуми дека грчкиот електро преносен систем каде 24% сопственост има кинескиот електропреносен систем во државна сопственост сака да го купи МЕПСО. Доколку власта се осуди на продажба на МЕПСО тоа ќе значи целосно губење на енергетската независност на Македонија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат СДС и ДУИ биле тие кои ја продале ЕСМ на само неколку месеци пред изборите во 2006 година и порачуваат власта да не влегува во нови авантури, бидејќи МЕПСО е од стратешко значење за државата и неговата продажба не носи никаква полза за Македонија и граѓаните.

Од СДСМ денеска реагираа на ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија тврди дека лажните вести на ДПМНЕ се неколку пати демантирани.

„МЕПСО не се продава. Ниту има одлука, ниту се преговара за продажба на МЕПСО. Но, бидејќи ДПМНЕ нема политики и нема став за најважните прашања папагалски повторува една иста лага. Освен блокади и лажни вести ДПМНЕ друго не знае“, велат од СДСМ.