Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да ги осуди партизаните и борците од АСНОМ за...

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да ги осуди партизаните и борците од АСНОМ за нивната борба

„Усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година. Ова е точка од платформата преку која СДСМ сака да ги осуди борците од АСНОМ и партизаните за нивната борба за слободна држава“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „граѓаните не се должни да ги трпат штетите што ги нанесуваат Зоран Заев и СДСМ“.

– Граѓаните на изборите ниту гласаа за платформа од друга држава, ниту гласаа за формирање тиранска влада во Македонија. Граѓаните гласаа за проекти и за економски просперитет. Зоран Заев и СДСМ се уценети заради нивните криминали да прифатат сè што ќе им биде сервирано за да си ја спасат кожата, притоа заобиколувајќи ја волјата на граѓаните – се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека „новата тиранска влада на чело со уценетите Заев и СДСМ ќе има единствено улога против волјата на граѓаните да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и со неговото кирилско писмо“.

– Тие немаат проблем ниту да ги променат името на државата, химната, знамето, банкнотите, униформите, написите. Доколку Зоран Заев и СДСМ сметаат дека платформата од Тирана е добра за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува да се согласат да распишат парламентарни избори и да им ја понудат на граѓаните на Македонија да ја изгласаат – додаваат од партијата.