Македонија ВМРО-ДПМНЕ распиша оглас за кандидат за претседател на државата

ВМРО-ДПМНЕ распиша оглас за кандидат за претседател на државата

ВМРО-ДПМНЕ со идниот кандидат кој ќе го одбере за кандидат за претседател на Република Македонија, ќе ја порази оваа власт, велат од опозициската партија

Фото: Ванчо Џамбаски

ВМРО-ДПМНЕ врз основа Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, како и заклучоците донесени на седницата на Извршниот Комитет распишa јавен повик за кандидат за претседател на Република Македонија кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори.

„Кандидатот кој ќе биде претходно пријавен и ќе ги исполни пропишаните услови ќе биде одбран на Конвенција која ќе се одржи на 2 март во Скопје, согласно одлуката на ИК на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти партијата.

Заинтересираните кандидати за учество на Конвенцијата треба да ги исполнуваат уставно предвидените обврски и услови содржани во членот 80 за кандидирање за кандидат за претседател на државата и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцијалните кандидат треба да добијат поддршка од најмалку 30 делегати кои се претходно изгласани од Централниот Комитет на партијата и објавени на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да поднесат програма и план за работа кои ќе бидат разгледани од страна на работните тела на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ  најдоцна до 21 февруари.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбере најмотивираниот кандидат за Претседател на Република Македонија кој заедно со граѓаните ќе победи на претстојните претседателски избори 2024 година. ВМРО-ДПМНЕ со идниот кандидат кој ќе го одбере за кандидат за претседател на Република Македонија, ќе ја порази оваа власт“, велат од опозициската партија.