Македонија ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партизација на МВР, СДСМ вели дека се гради професионализам

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партизација на МВР, СДСМ вели дека се гради професионализам

Потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски, сега како министер за внатрешни работи, без никаков аргумент почна со партиски чистки и со поставување партиски послушници на сите раководни позиции во Министерството за внатрешни работи, обвини на партиска прес-конференција денеска Саше Павловски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека истото Спасовски го правел и кога беше министер за внатрешни работи во техничката влада.

– За сметка на сменетите професионалци, позициите ги пополнуваше со партиски послушници, унапредувајќи ги и по седум скалила, спротивно на системот на кариера. Сега повторно сме сведоци на исто вакво однесување. Потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски, и неговите партиски послушници секојдневно се јавуваат на вработени во МВР кои низ долгите години во службата, постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција за да им нудат одредени пониски позиции. Понудата од СДС е земи или остави. Им нудат пониски места на кои би биле распоредени по сопствено барање. Во спротивно, следат закани дека ќе бидат деградирани и девалвирани и дека нема да може ниту судот да им помогне. Таргет се сите професионалци кои не постапуваат по партиските наредби на Оливер Спасовски – рече Павловски, порачувајќи дека „тоа што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и спротивно на колективниот договор и на Законот за внатрешни работи“.

На прес-конференцијата реагираше СДСМ, од каде посочуваат дека вистинска партизираност на МВР имало во времето на Јанкулоска.

„Партизацијата на државните институции и совпаѓањето на државата со партијата беше заштитен знак за 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од најочигледните примери за масовна партизација беше Министерството за внатрешни работи кое според признанието на тогашната министерка Гордана Јанкуловска, ВМРО-ДПМНЕ го претвори во МВРО-ВМРО“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Владејачката партија вели дека новата влада ќе се води со таа неправилност и ќе создаде услови за вистинска професионализација.

„Владата предводена од СДСМ почна со процес на ослободување на заробените институции од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамки на владиниот реформски план „3-6-9“ почнуваат сериозни реформи во судството, медиумите, безбедносните служби, борбата против корупцијата, во јавната администрација и изборното законодавство, согласно препораките на ОБСЕ, ОДИХР и на други релевантни меѓународни институции. Ќе има целосна професионализација на државните институции кои ќе работат единствено во интерес на граѓаните и никогаш повеќе ниту едно министерство, ниту една институција нема да функционира како нечиј партиски штаб како што тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението.