Македонија ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се откаже од учеството во техничката влада

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се откаже од учеството во техничката влада

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вчерашното гостување на телевизија Сител како свој став го изнесе мислењето дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, со цел ДУИ и СДСМ да биле поефикасно развластени

Фото: Ванчо Џамбаски

И покрај бројните забелешки што ги упати изминативе денови кон премиерот Димитар Ковачевски и кон собранискиот спикер Талат Џафери како негов наследник, ВМРО-ДПМНЕ сепак навестува дека ќе учествува во техничката влада што треба да профункционира од 28 јануари 2024 година.

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вчерашното гостување на телевизија Сител како свој став го изнесе мислењето дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, со цел ДУИ и СДСМ да биле поефикасно развластени.

Милошоски смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада, министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ.

Со сличен став вчера излезе и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 рече дека и покрај тоа што биле отворени нивните можности за да одлучат дали да влезат или не во техничката влада, очекувањата се да партиципираат.

„Ако гледаме наназад, гледаме дека корупцијата, криминалот и можноста за поткуп, како и сомнежот што ќе се фрли во изборниот процес е голем за да не учествуваме“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ допрва треба да донесат одлука за учество во техничката влада, но и за персоналниот состав односно министрите што ќе ги дадат во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, како и  дополнителниот заменик-министер во Министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека законска обврска на ВМРО-ДПМНЕ е да учествува во техничката влада согласно Законот за влада и Изборниот законик и предупреди дека неучеството на опозицијата во техничката влада може да фрли дамка врз изборниот процес.

Ковачевски ja повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката влада

Премиерот денеска порача дека не е прекршен Изборниот законик поради фактот што техничкиот премиер наместо СДСМ го предлага помалата коалициона партија ДУИ.

„Прво, не се крши законот затоа што и денес и претходната влада е коалициска влада и ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција. Таа е онаа која што има најмалку 61 пратеник во Собранието, така се доделува мандатот“, изјави премиерот Ковачевски.