Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе бара интерпелација и за Никола Димитров

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара интерпелација и за Никола Димитров

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието денеска најавија дека ќе поднесат иницијатива за интерпелација и на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Антонио Милошоски на прес-конфренција соопшти дека причини за интерпелација на Димитров има повеќе, а како прва го наведе „брзоплетото и штетно“ потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој рече дека со договорот Македонија не ги „заштитила своите интереси и се откажала од македонското малцинство во Бугарија“.

Друга причина, додаде Милошоски, е неименувањето, односно прекинување на постапката за испраќање на Александар Николовски за амбасадор во Брисел.

– Иако Александар Николовски ги помина сите процедури, од МНР добивме заклучок дека постапката се прекинува. Ако можеше ВМРО-ДПМНЕ да го испрати Нано Ружин за амбасадор во НАТО, зошто да не може СДСМ да го испрати Николовски – посочи Милошоски.

Тој како причина го наведе и немањето категоричен и јасен став околу притисокот за изградба на кампови за мигранти во Македонија.

Претходно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат иницијативи за интерпелација на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.