Македонија ВМРО-ДПМНЕ ја прекина соработката со Ванхауте, од денеска за нив тој е...

ВМРО-ДПМНЕ ја прекина соработката со Ванхауте, од денеска за нив тој е само турист

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ доцна попладнево соопшти дека донела одлука да престане да соработува со белгискиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте.

Одлуката, велат од партијата, ја базираат на неговите навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и кон претставниците на партијата кои учествуваа во преговорите, како и „континуираните омаловажувања кон народот и кон Република Македонија“.

„ВМРO-ДПМНЕ долго време го толерираше неговото несоодветно однесување, делумно и заради фактот што по секоја изречена навреда или омаловажување, Ванхауте се извинуваше како маче. За жал, веднаш по барањето да му биде простено, следеа нови испади и нови навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и кон граѓаните. Поради овие причини, ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да учествува на состаноци на кои ќе присуствува и Питер Ванхауте. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, Питер Ванхауте од денеска е турист во земјава и може да му препорачаме да го посети Музејот на македонската револуционерна борба“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.