Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Делегатите од Конгресот се разрешени затоа што се вработени во МВР...

ВМРО-ДПМНЕ: Делегатите од Конгресот се разрешени затоа што се вработени во МВР и МНР

Шеснаесет делегати од Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ се исклучени поради тоа што се функционери во државни институции, а еден е починат, соопштија од партијата.

„Во врска со шпекулациите дека неправедно се исклучени 16 делегати од конгресот, ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста дека едно лице е исклучено заради тоа што е починато, а другите заради тоа што се вработени или функционери во МНР, МВР или регулаторни тела каде со закон е забрането да членуваат во партиски тела“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека конгресот, кој е закажан за 22 и 23 декември во Валандово, е највисокото тело на партијата.

„За сите овие разрешувања е разговарано со секој поединечно и е добиена согласност од него, за најголем дел и писмена оставка. Доколку ова не се преземеше, дел од овие лица ќе останеа без работа или ќе беа разрешени од функциите“, наведуваат од партијата.

Вонредниот конгрес е свикан по најавата на на лидерот на партијата Никола Груевски дека ќе поднесе оставка.На конгресот ќе биде презентирана и анализата за причините за поразот на локалните избори, одржани на 15 и 23 октомври.