Македонија Владата усвои протокол за превентивни мерки за сите работни места за спречување...

Владата усвои протокол за превентивни мерки за сите работни места за спречување на ширење на корона вирусот

Владата на 60. седница го усвои Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на корона вирусот што важат за сите работни места и за сите луѓе на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.

„Протоколот вклучува мерки кои се однесуваат на личната хигиена и заштитна опрема, препораки за респираторната хигиена и физичкото дистанцирање во работните простории, како и редуцирање на патувања поврзани со работата, како и посебна организација кога е неопходно да се спроведат. Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на Ковид-19 опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина, постојана комуникација, обука и едукација за ризици, како и постапки кога е потребно менаџирање на вработените кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на Ковид-19,“ информираат од Влада.

Владата ја дополни и Уредбата со законска сила примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, со која е предвидено, во јавниот превоз на патници бројот на патниците во возилата да изнесува најмногу до 50 отсто од капацитетот на возилата за кои е задолжително да бидат опремени со маски, ракавици и возилата да се дезинфицираат.

Со оваа измена задолжителните мерки ќе се однесуваат и на правните субјекти кои вршат превоз на патници за сопствени потреби.