Македонија Владата останува на ставот гасоводот да се гради низ Водно

Владата останува на ставот гасоводот да се гради низ Водно

Владата одлучи гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар, што е предвидено да заврши до Охрид, да продолжи да се гради по истата рута, но со неколку измени и мерки, најави директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи во интервју за МИА.

– Се предвидува да се намали ширината на работниот појас од 25 на 10 метри и да се измени трасата на самиот врв на Водно каде е високостеблестата шума. Новопредложената траса ќе биде покрај една постоечка патека и постоечки пат, само се предвидува да се прошири од лева и десна страна по неколку метри и со тоа уште повеќе ќе се избегне сечењето на шумата на Водно, која според анализите на јавното претпријатие Паркови и зеленило Скопје изнесува околу 1.400 метри кубни сеча на дрва –  вели Реџепи.

Измените на трасата, додава, се направени после преговорите со граѓанските организации кои се противат на изградба на гасоводот низ парк шумата Водно, а Владата одлучи неколкукратно да ја компензира исечената шума со пошумување на овој предел и да се врати во првобитна состојба за неколку месеци.

– Трасата од оваа делница се гради на јужната страна на Водно, која во поголемиот дел не е пошумена. Од Сопиште оди кон врвот на Водно, цело време по јужната страна, и се спушта кон Матка. Придобивките ќе бидат повеќекратни. Ќе се пошумува многу поголема површина отколку што ќе се сече, ќе биде многу убава и рамна патека што ќе се користи за пешачење, а појасот што ќе се направи ќе служи и како препрека во случај на пожари – потенцира Реџепи.

Граѓанските активисти и вицепремиерот Кочо Анѓушев го поминаа делот на Водно за да го уверат каква шума и природа ќе се уништи и на таа средба, од МЕР ја соопштија новата траса.

Но, ставот на активистите е дека гасовод низ Водно не треба да поминува бидејќи парк-шумата Водно има заштитен статус кој Собранието на град Скопје го има донесено во 1976, а е потврдено во 1991.

„Ова претставува регистрирано природно наследство кое според Меѓународниот сојуз за заштита на природата и природните богатства (IUCN) има меѓународен статус: трета категорија и режим на заштита. Овој режим на заштита забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја, стебла, корења, гранки; менување на растителни услови, како отстранување на земја; градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон. Парк-шумата Водно е дом на глобално и европски загрозени видови, значајни ретки и ендемски видови, на ретки или засегнати типови на живеалишта“, велат активистите.