Македонија На отворената седница, Владата најави нови инвестиции и вработувања

На отворената седница, Владата најави нови инвестиции и вработувања

Нови инвестиции, отварање нови работни места, како и реформи во јавната администрација се дел од темите на отворената седница на Владата за сите реформи и активности што ќе бидат опфатени во Акцискиот план за 2015 година.

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, најави вработување на уште 250 професионални војници.
– За нови професионални војници, структурирани се две групи, секоја со 125 војници, кои ќе бидат вработени идната година. Изработен е правилник за селекција, процесот ќе трае околу три месеци и планираме првата група од 125 војници до крајот на март или почетокот на април да биде завршена – рече Јолевски.

Со инвестиција на американско-германска компанија, министерот за економија Владимир Пешевски рече дека ќе се отворат нови 2.500 работни места за период од пет години. Пред влез во земјава се и две белгиски и една швајцарска компанија, заинтересирани за вложување во полошкиот регион, како и една германска компанија која би инвестирала во прилепскиот регион.
– Има една германска компанија која веќе донесе одлука да инвестира во Македонија и таа го избра градот Прилеп. Оваа вест од компанијата ја објавија на бизнис-форумот во Франкфурт. Станува збор за фирма која инвестира во една нова технологија што се употребува во автомобилската индустрија, а се работи за пластично моделирање компоненти кои влегуваат во компонентите во автомобилските делови. Оваа нова технологија и како инвестиција е добредојдена во Македонија – рече министерот без ресор Бил Павлески.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, рече дека со нови 32 мерки дополнително ќе се подобрува бизнис-климата во Македонија. Ќе се олеснува добивањето градежни дозволи, ќе се намалуваат процедурите и трошоците за приклучок на електрична енергија, ќе се убрзува регистрирањето и бришењето на фирми. Сето тоа е за да се олесни работата на домашните и на странските компании, но и да се подобри рангирањето на Македонија на листата „Дуинг бизнис“, каде што Македонија е на 30. место од 189 држави.