Македонија Владата ќе испрати нови 68 лица да помогнат во Турција, како и...

Владата ќе испрати нови 68 лица да помогнат во Турција, како и опрема и возила за спасување

Фото: Фејсбук профил на министерката за одбрана Славјанка Петровска

Македонија ќе испрати 36 припадници на Армијата од Баталјонот за специјални единици, како и 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување, за учество во хуманитарната операција во Турција. Ваква одлука за дополнителна помош донела попладнево Владата.

„Се испраќа и комплетна специјализирана опрема и материјално–технички средства за пребарување и спасување од урнатини, 10 возила за транспорт на опремата и луѓето“, информираат во Владата.

Инаку, и Советот на град Скопје, денес донесе одлука за доделување на парична помош за погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија во висина од 6 милиони денари. Средствата ќе бидат уплатени преку сметката за хуманитарна помош на Црвен Крст на Македонија, а истите се обезбедуваат од ставката за непредвидени расходи на градскиот буџет.

„Вчера градот Скопје испрати и интервентна екипа на Противпожарната единица на град Скопје за помош при спасувачката мисија во Газиантеп, а во меѓувреме сме во постојан контакт со локалните власти и стоиме на располагање за сите барања кои може да произлезат во рамки на спасувачката акција“, информираат градските власти.

Дополнително, вкупно 150 лица доброволно се пријавиле на јавниот повик на министерот за здравство Беким Сали, кој вчера со објава на Фејсбук ги повика здравствените работници кои би се упатиле кон погодените места од земјотресот во Турција. Тој кажа дека денеска ќе го има прелиминарниот список на доброволци што ќе го понудат во Центарот за управување со кризи, а потоа преку НАТО комуникација со турските власти ќе ги информираат за човечките и материјалните ресурси кои ги има државата на располагање.