Економија Владата го забрани покачувањето на цените на оризот, јајцата и тестенините

Владата го забрани покачувањето на цените на оризот, јајцата и тестенините

Фото: Camila Melim on Unsplash

Цените на оризот, јајцата и тестенините се „замрзнуваат“, односно за нив ќе важат цените кои се применувале во трговијата на мало и на големо од 1 декември годинава, соопшти денес министерот за економија Крешник Бектеши на неговата Фејсбук страница. Ваквата одлука ќе важи до 31 јануари.

„Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи ориз, јајца и тестенини и има за цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението“, стои во објавата на Бектеши.

Дополнително на оваа Одлука, од Владата соопштија и дека цените на привремените попусти кои важеле на 1 декември се исклучени.

Претходно на 4 декември Владата ги „замрзна“ и цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2.8%, 3.2% и 3.5%, свежото месо и сувомеснатите производи и сирењето и урдата.