Македонија Владата го усвои, предлог-законот за финансирање на „трамвајот на тркала“ во Скопје...

Владата го усвои, предлог-законот за финансирање на „трамвајот на тркала“ во Скопје оди во Собранието

Физички одвоена траса за движење на БРТ возилата во Буенос Аирес; Фото: Gobierno de la Ciudad Autónoma de Buenos Aires, CC BY 2.5 ar, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=40121880

Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, информираат од владината прес-служба. Од ЕБОР побаравме кредит од 70 милиони евра за изведба на двете линии од „трамвајот на тркала“.

„Проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“ опфаќа воспоставување на две линии за брз автобуски превоз со коридори кои се резервирани само за автобусите, со цел подобрување на квалитетот на превозните услуги на патниците во правец „исток – центар – запад“ и „југ – центар- север“, намалување на времетраењето на превозот на патниците, подобар пристап и користење на превозните услуги и за намалување на загадувањето на воздухот“, се вели во соопштението.

Инаку, откако беше усвоен на владина седница, предлог законот за задолжување кај ЕБОР за реализација на овој проект ќе треба да оди на гласање во Собранието на РСМ, по што треба да се потпише договорот со банката и да се распише тендер за избор на изведувач на градежните работи, но и за набавка на идните автобуси. ЕБОР пролетва  веќе го процени импактот од реализацијата на овој проект. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов пак веќе најави дека целокупната постапка за потпишување на договорот со ЕБОР би се финиширала до крајот на годинава.

Во меѓувреме, Градот Скопје минатиот месец го избра конзорциумот што треба да ги изработи идејниот сообраќаен проект, архитектонскиот идеен проект, градежниот идеен проект, како и идејните проекти за сообраќајниците, за машинска инсталација и опрема, за хидротехника, термотехничка инсталација, анализа на ризиците на проектот и анализа на капацитет на постојното депо на ЈСП во Ѓорче Петров и проектирање на идното депо во Лисиче. До февруари 2021 година треба да се заврши изработката на идејниот проект.

Првата линија од идниот „трамвај на тркала“ ќе ги спои населбите Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Автобусите ќе се движат по физички одвоена траса, по крајната лева лента на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Јане Сандански“ и „Февруарски поход“ во Ново Лисиче. Автобуските стојалишта ќе бидат на местото на постојното средишно зеленило, а поради ваквата изведба автобусите од почетната до крајната станица би патувале за само 35 минути.

Првата транша од кредитот на ЕБОР во висина од 40 милиони евра ќе се издвои за финансирање на првата линија, додека во втората фаза дополнителни 30 милиони евра ќе се инвестираат во изградбата на втората линија од Кисела Вода до Бутел.