Свет Балкан Високи функционери бараат дистанцирање на ЕУ и САД од Србија поради владеењето...

Високи функционери бараат дистанцирање на ЕУ и САД од Србија поради владеењето на Вучиќ

Писмото е потпишано од претседателот на надворешнополитичкиот одбор на германскиот Бундестаг Михаел Рот, претседавачот на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат Боб Менендез, како и од претседателите на комитетите за надворешни работи на неколку други земји

Guelland/ MSC, CC BY 3.0 DE , via Wikimedia Commons

Српскиот претседател Александар Вучиќ сè повеќе ги ескалира тензиите во односите со Косово, а западните земји се воздржуваат од критики кон него, што пак како пристап во надворешната политика веќе не функционира. Ова го пишуваат влијателни високи функционери од водечки земји на ЕУ, САД и Велика Британија во писмото што е упатено до нивните влади, пишува германскиот весник Тагесшпигел.

Странските функционери бараат поголема дистанца од Србија. Тие бараат покритички да се однесуваат ЕУ, САД и Велика Британија кон српскиот претседател Вучиќ, но и забележуваат дека нивните земји имаат преголема попустливост кон Белград.

„Обидите на Србија да ги поткопа демократските избори во Косово мора јавно да се осудат како странско мешање и мора да се преземат конкретни мерки за Србија да постане одговорна доколку продолжи да ги поткопува слободните и фер избори“, се наведува во писмото упатено до шефот на надворешната политика на ЕУ Жозеп Борел, државниот секретар на САД Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Велика Британија Џејмс Клеверли.

Писмото е потпишано, помеѓу останатите, и од претседателот на надворешнополитичкиот одбор на германскиот Бундестаг Михаел Рот, претседавачот на Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат Боб Менендез, како и од претседателите на комитетите за надворешни работи на британскиот Долен дом и на парламентите од Чешка, Украина, Ирска, Естонија, Латвија и Литванија.

Влијателните функционери во писмото посочуваат дека актуелниот пристап кон Србија не функционира, така што бараат од меѓународната заедница да учи од нашето минато и да се осигура да не води политика сконцентрирана исклучиво кон Белград на Балканот.

Во писмото тие повикуваат и да се разгледа политиката за одвраќање во дипломатијата, како би се спречило понатамошно влошување на безбедносната ситуација во северниот дел на Косово.

Неодамнешното пронаоѓање на складиште со оружје во северно Косово и извештаите за актуелниот шверц на оружје преку границата меѓу Србија и Косово ги потенцираат ризиците од понатамошна ескалација на состојбата, пренесува весникот Тагесшпигел.

„Косово е суверена земја и функционална демократија. Овој факт треба да биде основа на нашата заедничка политика кон актуелната криза“, се наведува во писмото.

Исто така, функционерите додаваат дека ЕУ и САД водат недоволно строга политика кон Србија како кандидат за членство во ЕУ, стравувајќи дека Белград би можел да премине на страната на Русија. Додаваат и дека владата на Вучиќ не учествува во санкциите кон Москва по руската агресија врз Украина.