Главна секција Весниците на „МПМ“ објавија текстови за СЈО потпишани од редакциите, а не...

Весниците на „МПМ“ објавија текстови за СЈО потпишани од редакциите, а не од новинарите

Насловните текстови на трите весници на „МПМ“, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ кои се однесуваат на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство денеска се објавени без да се наведат авторите на написите.

Авторите се изоставени и во печатеното и во електронското издание, а текстовите се потпишани со П.Р. (Политичка рубрика) и Р.Д. (Редакција „Дневник“). Станува збор за текстови кои се однесуваат за случајот „Тортура“, односно апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година.

Во „Дневник“ под еден над наслов „Неписменоста на СЈО стана легендарна“ се објавени два текста: „Ристовска: За снимките на Ермира и Ахмери ќе чекаме пријава“ и „КЗ: Се гони по службена должност“ и двата текста се потпишани со Р.Д., а исто така се потпишани и текстовите „СЈО отвори случај за апсењето на Љубе Бошкоски“, со над наслов „Нов театрален настап“ и написот „Аневски: Ако не дојде Јанева, нема да ги добие предметите за „Маѓар Телеком“ и за Верушевски“.

Насловниот текст на „Утрински весник“ „Прва истрага за изречени пцости во Македонија“, исто така е потпишан од редакцијата, а истото е направено и со текстовите „Што стои во засписникот при апсењето на Љубе Бошкоски“, „’Маѓар телеком’ и ’Шпион’ кај СЈО“, кој во моментов не се достапни на интернет изданието.

Во весникот „Вест“, главниот текст, „Тортура на албански“, кој се наоѓа на насловната страница, како и во останатите два весника на „МПМ“, не е потпишан од авоторот, туку од Редакцијата.

Инаку овој наслов и текст предизвика многу реакции на социјалните мрежи, а со осуда реагираше и Советот за етика на медиумите, според кој, „Вест“ манипулира и ја извртува вистината.