Македонија Весковски: ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ на Бадник незаконски носеа урбанистички планови за Карпош

Весковски: ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ на Бадник незаконски носеа урбанистички планови за Карпош

Советничката група на СДСМ во Општина Карпош поднела две иницијативи за покренување постапки пред надлежните органи, поради, како што велат, незаконското и неделовничко носење на два урбанистички планови, кои советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ ги усвоиле на 6 јануари, на празникот Бадник.

– На седницата на Советот на општина Карпош, одржана на големиот христијански празник Бадник, скришно, на нетранспарентен начин, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ ги усвоија деталните урбанистички планови за Тафталиџе 1 и за Карпош 3. Ваквата насилна, недемократска одлука на ВМРО-ДПМНЕ и на ГРОМ, односно на Никола Груевски и на Стевчо Јакимовски е спротивна на интересите и на барањата на граѓаните на Карпош. Граѓаните со право реагираат и не се согласуваат со „дил-оринтед“ одлуките на Груевски и на Јакимовски, за што беа подесени и стотици анкетни листови токму за овие детални урбанистички планови. Граѓаните на Карпош бараат зеленило наместо урбана џунгла од згради – изјави денеска на прес-конференција претседателот на општинската организација на СДСМ во Карпош, Душко Весковски.

Тој соопшти дека советниците на СДСМ демонстративно ја напуштиле седницата „на која што без претходна најава, нетранспарентно и кукавички“ биле вметнати двете точки за усвојување на овие детални урбанистички планови.

– До Државниот инспекторат за локална самоуправа поднесoвме претставка поради прекршувањето на повеќе законски и подзаконски акти на Општината. Дополнително, ќе ги поддржиме и сите иницијативи на граѓаните со кои на демократски начин се изразува незадоволството од ваквиот начин на внесување урбанистички хаос и уништување на квалитетот на животот на граѓаните во општина Карпош – рече Весковски.