Свет Балкан Варуфакис: Ќе пружиме рака за соработка со кредиторите

Варуфакис: Ќе пружиме рака за соработка со кредиторите

Грчкиот министер Јанис Варуфакис со остра реторика и со критика кон кредиторите најави дека од утре ќе разговараат со сите за да се најде заеднички јазик. Тој истакна дека ќе бараат и ќе се отворат кон соработка со кредиторите и ќе гледаат позитивно на последниот извештај на ММФ за Грција и на Европската комисија за да се најде решение.

Според него, грчкиот народ кажал „не“, игнорирајќи го стравот кој вештачки е наметнат и создаден преку наредбата да се затворат грчките банки и покрај пропагандата на медиумите.

Варуфакис ги критикуваше кредиторите дека од самиот почеток имале план да ги затворат банките, да наметнат рецесија и неодржлив долг за грчката влада да зажали за своите одлуки.

– Тоа беше целта на последниот предлог за договор, кој денеска народот им го врати на оние што го испратија – истакна Варуфакис.

Тој додаде дека сите овие пет месеци кредиторите одбивале суштински разговори и ги одбивале грчките предлози за договор кој ќе биде одржлив, без кратења и со конструктивни реформи.

– Денешното „не“ е големо „да“ за демократска Европа. За визијата за еврозоната како заеднички простор за благосостојба – додаде Варуфакис.