Македонија Условените оставки на министрите на ДУИ наидоа на различно толкување кај партиите

Условените оставки на министрите на ДУИ наидоа на различно толкување кај партиите

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денeска изјави дека со последната одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ВМРО-ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ

Фото: Влада на РСМ

Различни толкувања од политичките партии има по вчерашното поднесување на условени оставки од министрите и владините функционери на ДУИ. Од СДСМ велат дека по потегот на ДУИ, сега на ред е Христијан Мицкоски за да одлучи дали е за ЕУ или за изолација. Од ВМРО-ДПМНЕ пак посочуваат дека нивната позиција е јасна, односно дека уставни измени ќе нема. Арбен Таравари, пак, потегот на ДУИ го оцени како детска игра.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денeска изјави дека со последната одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ВМРО-ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ.

„Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец. Членството во ЕУ е врвна стратешка цел на мнозинството граѓани, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ не отстапува“, изјави Кузеска од СДСМ.

Социјалдемократите велат дека Мицкоски треба донесе одлука, а пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, остануваат на ставот дека уставни измени со вакви фолирања нема да има. Портпаролот Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање во однос за условените оставки од ДУИ и ставот на Артан Груби дека е подготвен да се откаже од 100 дена премиер Албанец истакна дека „уставни измени со вакви фолирања нема да има, а добро било што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција“.

„Уставни измени со вакви фолирања нема да има, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ туку и СДС да поднесат оставки, ама неотповикливи, и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи сè друго е одолговлекување и играње играчки“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари пак во изјава за ТВ 21 рече дека оставките на министрите и функционерите на ДУИ ги оцени како детска игра. Таравари вели дека нивната партија ќе одлучува по консултации со партиските тела дали ќе остане во Владата откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.