Свет Урнатиот авион на „Ер Азија“ немал дозвола за летање

Урнатиот авион на „Ер Азија“ немал дозвола за летање

Авионот на компанијата „Ер Азија“, кој пред девет дена се урна во Јаванско Море, сообраќајќи од Сурабаја кон Сингапур, немал дозвола од Министерството за транспорт на Индонезија за да лета тој ден, соопштија денеска истото министерство.

– Сосема е јасно дека се прекршени прописите затоа што авионот немал дозвола за лет – соопшти директорот за авиосообраќај при Министерството за транспорт, Џоко Мурјатмоџо.

Министерството во моментов истражува кој дал дозвола да полета, имајќи предвид дека „Ер Азија“ има дозвола за летање на таа линија за понеделник, вторник, четврток и за сабота, а несреќата се случи во недела, 28 декември.

Досега се пронајдени пет дела од авионот на морското дно во близина на Борнео, каде „ербас A0-200“ се урна со 162 патника, 40 минути по полетувањето.