Ураганот Метју однел најмалку 1.000 животи на Хаити и предизвикал огромни штети во југозападните делови на земјата, по што почнало да се шири колера, соопштија денеска локалните власти.
На руралните заедници им недостига чиста вода, храна и засолниште, предупредија властите.
Властите почнале да ги закопуваат жртвите во заеднички гробници во градот Ѓереми, затоа што телата почнале да се распаѓаат.
Колерата предизвикува тешка дијареја и може да доведе до смрт, доколку не се лекува. Болеста се шири преку контаминирана вода и има краток период на инкубација.
Државните тимови го посетуваат тешко погодениот југозападен дел од земјата во обид да ги обноват медицинските центри и да стигнат до епицентарот на епидемијата.
Болниците не располагаат со возила, а нови пациенти постојано пристигнуваат во подрачјата кои речиси се целосно срамнети со земја.
Плантажите со банани се уништени во подрачјето, а жителите се хранат со кокосови ореви, бидејќи никаква помош не е пристигната.