Македонија Управата за финансиска полиција доби нов систем кој ќе ги дигитализира процесите

Управата за финансиска полиција доби нов систем кој ќе ги дигитализира процесите

Овој софтвер, според директорот Иванов, ќе овозможи и забрзување на предистрагите преку филтрација на релевантни докази. Самото решение, рече тој, има за цел намалувањето на секојдневните трошоци и зголемувањето на ефикасноста на вработените

Фото: Министерство за финансии

Со поддршка од Обединетото Кралство, Управата за финансиска полиција ќе добие нов современ систем кој ќе ги дигитализира процесите и ќе овозможи побрз проток на информации во рамки на институцијата и размената со други институции, информираат од Управата.

Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов и Регионалниот менаџер за Западен Балкан во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство Дарен Пертриџ. На потпишувањето присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.

„Финансиската полиција е клучна институција во земјата во борбата со организираниот финансиски криминал и заштита на националните финансиски интереси и зајакнувањето на нејзините капацитети и воведување нови современи системи се дополнителен придонес во зголемување на ефикасноста во борбата со неформалната економија и организираниот криминал“, рече министерот Бесими.

Амбасадорот Лосон посочи дека целта на овој Меморандум е да го определи веб-базираниот мултиплатформски систем за управување со содржини (Enterprise Content Management System) со алатки за управување со случаи (Case Management Tools) и лиценци кои ќе бидат доделени од страна на Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство (HMRC) на Управата за финансиска полиција во исполнување на целите за спречување и откривање на економскиот, финансискиот и организираниот криминал и во дефинирање на одредбите за неговото користење и одржување.

„Градењето на капацитетот и способноста на Управата за финансиска полиција во Северна Македонија во насока на подобрување на нивниот капацитет за финансиски истраги за управување со сложени случаи, прикажување на ревизорски траги и зголемување на транспарентноста, е од фундаментално значење за разбивање на криминалните организации – и на национално и на меѓународно ниво”, рече британскиот амбасадор.

Овој софтвер, според директорот Иванов, ќе овозможи и забрзување на предистрагите преку филтрација на релевантни докази. Самото решение, рече тој, има за цел намалувањето на секојдневните трошоци и зголемувањето на ефикасноста на вработените.