Македонија Јункер – Заев: Државата е подготвена за отворање на преговорите

Јункер – Заев: Државата е подготвена за отворање на преговорите

На средбата со претседателот Жан – Клод Јункер и комесарот Јоханес Хан дознавме дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската унија во овој период, соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Брисел.

Тој додаде дека државата е подготвена за почеток на преговорите, а сега, на потег се државите членки и институциите на Европската унија.

„Во исто време, отворањето на преговорите за нашето пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност, и за одржување на реформскиот импулс во државата, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан“, потенцираше премиерот Заев.

Јункер истакна дека Северна Македонија е подготвена за следниот чекор, за отворање на преговорите и дека тој ќе ја брани земјата и овој став секогаш.

Еврокомесарот Хан нагласи дека државата ги исполнила сите задачи што беа побарани од неа и дека сега е на ред Европскиот Совет да го исполни ветувањето од минатата година и да го потврди датумот за отворање на поглавјата.