Свет Европа Унгарија го проблематизира членството на Украина во ЕУ

Унгарија го проблематизира членството на Украина во ЕУ

Украинската министерка за евроинтеграции одговори на изјавите на унгарскиот министер за надворешни работи кој смета дека Украина е некомпатибилна со ЕУ поради нејзиниот третман на малцинствата

Image by Dušan Cvetanović from Pixabay

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто изјави дека Украина не е подготвена за членство во Европската Унија и дека би донела војна во Европа, додека украинската министерка за евроинтеграции Олга Стефанишина одговори дека унгарската политичка спротивставеност кон Украина нема да претставува значајна пречка за патот на Украина кон ЕУ, известуваат Ројтерс и Кијив Индепендент.

Ваквите изјави доаѓаат откако претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен вчера најави дека ЕК официјално препорачува на Европскиот совет да се отворат преговорите за членство во Европската Унија со Украина и Молдавија, по исполнување на одредени предуслови, вклучувајќи го унапредувањето на правата на малцинствата.

Унгарскиот министер Сијарто смета дека Украина не би била соодветна членка во Европската Унија поради нивниот однос со малцинствата. Унгарија и претходно ја има критикувано Украина за правата на 150.000 Унгарци кои живеат во Украина.

Дополнително, унгарскиот премиер Виктор Орбан минатиот месец изјави дека не гледа причина зошто Унгарија да продолжи да ја финансира војната во Украина откако било „очигледно“ дека не биле успешни досегашните напори во војната против Русија.

Министерот Сијарто исто така смета дека потиснувањето на слободата на говор и немањето избори поради војната значи дека е несоодветно време да се зборува за преговори за членство.

Украинската министерка за евроинтеграции Стефанишина денес кажа дека справувањето со Унгарија ќе претставува предизвик во преговорите, но дека е убедена оти ќе се најде решение.

„Секоја земја што ќе донесе свесна политичка одлука да ја блокира одлуката во врска со Украина, ќе најде причина да го стори тоа. Денес Унгарија даде изјава во таа насока. Разбираме дека постои таков став од Унгарија, но разбираме и дека има дијалог со Будимпешта“, изјави на прес-конференција Стефанишина.